Пентагон: Илјадници дополнителни руски војници во близина на Харков, борбите би можеле да бидат крвави
Илјадници руски војници се натрупале во близина на украинскиот град Харков, изјави вчера висок претставник на американската одбрана.
Бројот на тактички единици во близина на рускиот пограничен град Белгород се зголеми од 30 на 40, изјави официјалниот претставник во петокот. Тој не го прецизираше точниот број на дополнителни војници, но рече дека тие типови единици обично се состојат од 600 до 1.000 војници.
Руската армија ги собира своите сили таму за да ги концентрира своите единици за окупирање на источноукраинската област Донбас, рече официјалниот претставник.
Харков се наоѓа во североисточна Украина, во близина на руската граница.
Тој рече дека има индикации дека Русија се надева дека ќе мобилизира повеќе од 60.000 војници.
Бидејќи конфигурацијата на Донбас и е позната и на украинската и на руската армија по долгогодишен конфликт, тој предупреди дека борбите ќе бидат интензивни.
„Тоа ќе биде како тепачка со нож. Може да биде многу крваво“, рече функционерот.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби претходно изјави дека има извештаи дека десетици илјади резервисти се мобилизирани за да ги засилат руските единици на границата со Донбас по загубите во северна Украина.