Свет

Новинар проговори за моментите кога беше ракетирана станицата во Краматорск

Украинскиот новинар Алекс Меркулов беше на станицата Краматорск кога во напад загинаа најмалку 50 луѓе, меѓу кои и пет деца.

Неговата снимка од местото на настанот го покажува хаосот по нападот, при што толпата се обидува да излезе од станицата. На снимката се гледа крв на земјата и запалени автомобили.

Меркулов, кој работи за ТВ Доњечина, рече дека луѓето се собрале на две локации на железничката станица тој ден.

„Едната беше на улицата каде што луѓето стоеја во редици за да се качат во возот и да се евакуираат, а другата беше чекална на самата железничка станица каде луѓето беа поделени и организирани во неколку групи. Сите овие луѓе доаѓаат од области каде што се водат борби и напади веќе осум години, така што тие веќе знаеа што да прават штом се случи експлозијата. Значи, во моментот кога експлозијата одекна сите беа на подот“, вели тој.

Меркулов бил на околу 24 метри од местото каде што погодила ракетата, разговарал со постара жена пред станицата. Тој рече дека веднаш почувствувал силен воздушен бран.

„И покрај тоа што самата експлозија не изгледаше толку силна, бранот беше неверојатен. Како нешто да те удра во глава, нозете не можат повеќе да те држат. Не можеш да стоиш на нив. Потоа почнуваш да сфаќаш дека се случило нешто страшно, но не си свесен што е тоа. И се плашиш да погледнеш нагоре, но знаеш дека треба да направиш нешто“, раскажува Меркулов.

Пред експлозијата, Меркулов разговараше со луѓето кои се обидуваа да се евакуираат. Иако станицата беше преполна, тој рече дека е тивка атмосферата, со луѓе кои ги чекаат своите возови, пијат кафе или стојат во ред надвор.

Експлозијата создаде паника и конфузија.

„Се плашеа, не можеа да сфатат што се случува, оние кои чекаа на улица мислеа дека ќе биде побезбедно да влезат во зградата. Тие што беа во зградата почувствуваа дека мора да ја напуштат зградата и да излезат на улица бидејќи се плашеа од нови напади. Многу млади луѓе дојдоа таму со своите родители, пиеја кафе и сè беше толку мирно, а потоа одеднаш имаше само шок и ужас“, додаде тој.

Foto: EPA, CNN

На почеток