Стеј департментот им нареди на вработените да го напуштат конзулатот во Шангај
Стејт департментот на САД им нареди на вработените кои не извршуваат приоритетни задачи да го напуштат конзулатот во Шангај, поради зголемувањето на случаите со Ковид 19.
Стејт департментот во петокот соопшти дека неприоритетниот персонал би можел доброволно да го напушти конзулатот, но не е познато зошто препораката се претворила во наредба во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Една од најконтроверзните епидемиолошки мерки во Шангај беше задолжителното одвојување на децата позитивни на Ковид 19 од нивните родители, но оттогаш властите направија одредени отстапки, а Стејт департментот во понеделникот во соопштение го наведе ризикот од одвојување на родителите и децата.
Шангај моментално се бори со најлошата епидемија на Ковид-19 во Кина, откако вирусот првпат се појави во Вухан кон крајот на 2019 година.
Некои жители на градот ги напуштија своите домови денеска, за прв пат по повеќе од две недели, бидејќи властите преземаат пробни чекори за да го олеснат карантинот наметнат од Ковид-19.
Шангај во понеделникот објави дека повеќе од 7.000 станбени единици се класифицирани како области со низок ризик по 14 дена откако не пријавиле нови инфекции, а окружните власти најавуваат која од поединечните населби може да биде отворена, наведува британската агенција.
Градските здравствени власти на прес-конференција соопштија дека жителите од зоните со понизок ризик познати како „зони за превенција“ сè уште се под контрола и ќе мора да почитуваат строги мерки за социјално растојание.
Бидејќи економијата е под зголемен притисок, во Шангај се прават напори за повторно отворање на хипермаркетите, намирниците и аптеките, но невиталните бизниси ќе останат суспендирани, соопштија властите.
Шангај забележа 22.348 нови асимптоматски случаи на коронавирус на 11 април, што е помалку од 25.173 еден ден претходно, според Ројтерс.