Свет

Министерот за правда на Британија поднесе оставка откако Џонсон беше казнет за кршење на правилата за Ковид

Министерот за правда на Велика Британија Дејвид Волфсон поднесе оставка откако премиерот Борис Џонсон беше казнет од полицијата поради кршење на правилата за Ковид.

Волфсон оцени дека постапките на Џонсон не биле „во согласност со владеењето на правото“, објави Гардијан.

Лордот Волфсон рече дека би било погрешно „таквото однесување да остане неказнето, особено кога многумина во општеството ги следеа правилата, а други беа казнети или кривично гонети за слични, а понекогаш и навидум тривијални прекршоци“.

Во писмото што го објави на Твитер, Волфсон додаде дека „нема друга опција освен да поднесе оставка“.

„Гардијан“ оценува дека оставката на Волфсон ќе покрене прашања за владата на премиерот Џонсон, а таа следеше неколку часа откако конзервативниот пратеник Најџел Милс јавно кажа дека ќе испрати писмо за недоверба на премиерот.

И покрај обидите на сојузниците на Џонсон да го минимизираат митингот, кој се одржа за време на заклучувањето, тврдејќи дека тој бил присутен само девет минути за да му го честита роденденот, на Волфсон му се чинеше јасно дека настанот ги прекршил правилата.

Тој во писмото до Џонсон напиша дека правдата често е прашање на судови и процедури, но дека владеењето на правото е нешто друго – уставен принцип кој, во својот корен, значи дека секој во државата и навистина самата држава е предмет на закон.

„Тоа не е само прашање за тоа што се случило на Даунинг стрит, или за вашето сопствено однесување. ТТоа е исто така, а можеби и повеќе, официјалниот одговор на она што се случи. Бидејќи очигледно не го делиме тој став за овие прашања, морам да ве замолам да ја прифатите мојата оставка“.

Во својот одговор, Џонсон рече дека му е „жал што го примил“ писмото и му се заблагодари на Волфсон за неговата соработка, истакнувајќи ја неговата работа во судството за време на пандемијата на коронавирус.

„Владата има корист од вашето долгогодишно правно искуство“, рече Џонсон.

Британскиот премиер Борис Џонсон, министерот за финансии Риши Сунак и сопругата на премиерот Кери Џонсон беа казнети по истрагата на лондонската полиција за нелегални забави на Даунинг стрит за време на заклучувањето на коронавирусот.

На почеток