Арсовска: Работиме на поддршка за згрижувачките семејства и активностите на СОС Детското село
Градот Скопје ќе се вклучи во проектот „Унапредување на системските недостатоци – поддршка на реформите во системот за заштита на децата“ што го реализира СОС Детското село. За активностите и настаните за зголемување на свесноста за потребата од згрижувачки семејства што ќе следуваат во наредниот период, како дел од овој проект, денеска разговараа градоначалничката Данела Арсовска со претставници од СОС Детското село.
– СОС Детското село веќе 20 години е посветено на грижата и поддршката на деца и млади без родителска грижа. Хуманата мисија на овие луѓе е непроценлива за оние на кои им е најпотребна нашата помош, но и за целото наше општество кое тежнее да биде похумано и потолерантно. Овој пат, заедно ќе работиме за да ја подигнеме јавната свест за важноста на згрижувачките семејства кои со безрезервна поддршка и љубов даваат топол дом и семејство за децата во социјален ризик, децата без родители, како и младите без родителска грижа кои честопати се лишени од ова право. Нема ништо поубаво од детската насмевка и радост, знаејќи дека имаат топол дом и згрижувачко семејство кое се грижи за нив – рече градоначалничката Арсовска, на средбата.
Таа додаде дека грижата и поддршката за ранливите групи граѓани е приоритет во работењето на Градот Скопје, со особена посветеност на грижата за децата без родители и за лицата со посебни потреби.
– Градот Скопје ќе биде активен партнер и поддржувач на мисијата и активностите на СОС Детското село и на згрижувачките семејства. Нашата поддршка и пријатество и ја покажуваме и докажуваме преку многубројни заеднички активности и корисни проекти – нагласи Арсовска.