Актуелно

„Дали Американците понесоа некаква одговорност за прекршувањето на правата во Југославија?“, вели Вершинин

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Вершинин изјави дека американската кампања за исфрлање на Русија од Советот за човекови права на ОН е театар на апсурд.

Тој посочи дека САД повеќепати ги прекршиле основите на хуманитарното право и дека не ги исполнуваат критериумите за членство во Советот.

Во интервју за РИА Новости, Вершинин праша колку пати во изминатите 20 години Вашингтон дејствувал, како што рече, „како агресор, започнувајќи војни во сите делови на светот по сопствена дискреција“.

„Дали Американците понесоа каква било одговорност за бројни прекршувања на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Југославија, Ирак, Либија, Сирија?“, праша Вершинин.

Тој додаде дека од 12 големи меѓународни конвенции за човекови права и факултативни протоколи со нив, американската страна ратификувала само пет. Вершинин изјави дека и покрај декларираната родова еднаквост, САД, на пример, сè уште не пристапиле кон Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, пренесе Танјуг.

„Други документи што САД не ги ратификуваа се Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост“, рече Вершинин.

Тој оцени дека САД се земја во која, како што наведе, „манифестациите на расизам и расна дискриминација не само што не се елиминирани во 21 век, туку добиле системски и структурен карактер“.

Генералното собрание на ОН на 7 април донесе резолуција со која се суспендира членството на Русија во Советот за човекови права на ОН поради настаните во Украина. Како одговор, Москва најави повлекување од Советот.

На почеток