Тања Фајон го напушта ЕП откако беше избрана за пратеник во Словенија
Претседателката на словенечките социјалдемократи Тања Фајон ќе го заврши мандатот во Европскиот парламент.
Тоа ќе се случи откако таа ќе биде избрана за пратеник во словенечкиот парламент, бидејќи тие две должности се неспоиви.
Нејзиниот мандат во ЕП ќе заврши во моментот кога новото свикување на словенечкиот парламент ќе одржи конститутивна седница, на која ќе и биде потврден мандатот, изјави претставникот на нејзиниот кабинет во ЕП, Јуре Танко.
Според процедурата, претседателот на словенечкиот парламент за тоа ќе го извести ЕП, кој формално ќе констатира дека функцијата на Тања Фајон е испразнета и ќе го повика Собранието на Словенија да испрати негова замена, пренесува СТА.
Тања Фајон е претседателка на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Србија и ЕУ на Европскиот парламент, а минатата година беше една од претставниците на таа институција во меѓупартискиот дијалог меѓу власта и опозицијата за изборните услови.