Турција ја повика Грција да престане со провокативните акции
Турција денеска ги отфрли обвинувањата дека нејзини борбени авиони вршеле неовластени воени летови над грчките острови.
Таа ја обвини Грција за „провокативни летови“ во близина на турското копно.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека грчките обвинувања „не ја одразуваат вистината“, инсистирајќи на тоа дека грчките воени авиони постојано го нарушувале турскиот воздушен простор над градовите Дидим, Датча и Даламан, на југозападот на земјата.
Турското Министерство ја повика Грција „да престане со провокативните акции и реторика“ и да ги поддржи неодамна обновените преговори со цел градење доверба меѓу двете земји.
Турција и Грција долги години се во спор околу морската и воздушната граница, а несогласувањата се интензивираа околу истражувањето на потенцијалните резерви на природен гас во Медитеранот.
Спорот резултираше со речиси секојдневни патроли на воздухопловните сили и мисии за пресретнување, главно во спорниот воздушен простор околу грчките острови во близина на турскиот брег.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска изјави дека му пријавил на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за турските упади во грчкиот воздушен простор, вклучително и неовластени летови над неколку големи грчки острови.
Министерството за надворешни работи на Грција вчера му врачи протестна нота на амбасадорот на Турција во Атина поради неовластени воени летови.