Македонија

Русковска ја правда спогодбата: Поважно е да наплатиме пари отколку 5-10 години казна затвор

Вилма Русковска беше прашана од што ќе зависи дали Обвинителството ќе ја прифати спогодбата и со ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Таа не одговори конкретно кои се критериумите. Во емисијата „Топ тема“ вели дека најдобро за државата е да се наплатат средства во готово.

„Ние нормално ќе бидеме во координација со јавниот обвинител Љубомир Јовески и ќе одлучиме дали да ја прифатиме или не. Јас сакам да ви појаснам дека е многу подобро за интересите на државата во готово да се уплатат па макар и помалку од овие 32 милиони евра. Знаеме сите колку е тешко да се донесе пресуда, да биде правосилна, па лицитација. Пример вчера разбрав дека за предмет од 2012 година, сега почнала постапката за продавање. Затоа сметам дека јас и колешката која постапува, во интерес на државата е да се уплатат средства во готово“, рече Русковска.

Ако се прифати спогодба, како што е случајот со Орце Камчев кој исплати 5.2 милиони евра на државата и прифати да оди една година во затвор, тоа значи дека одлуката е конечна и не може да се преиначи.

„Дали јавноста ќе биде позадоволна ако добијат 5 или 10 години казна затвор и државата да не може да ги наплати парите или да поминат со помали каазни а државата да ги наплати парите? Јас мислам дека поважно на државата ќе и биде да ги наплати парите, а да има помали казни“, додаде Русковска.

На почеток