Свет

Четири мобилни телефони „слетаа“ на покрив од затвор

На покривот на Истражниот затвор во Спуж се пронајдени четири мобилни телефони кои најверојатно паднале од дрон, велат за „Вијести“ повеќе извори од Управата за извршување на кривични санкции (УИКС).

Според тие информации, мобилните телефони се пронајдени во две пакувања, а надлежните утврдуваат кога „слетале“ на покривот на притворското одделение.

Телефоните ги пронашол работник кој го поправал покривот и за тоа ги известил службениците од Истражниот затвор.

– Со оглед на тоа дека беа натопени во вода, се претпоставува дека таму се од порано, кога ги спречивме обидите на поединци со дронови да им вметнат телефони на приведените – вели еден од соговорниците на весникот.

Друг извор на „Вијести“ вели дека телефоните најверојатно по грешка биле фрлени на покривот, односно дека некој погрешно го насочил дронот.

– Не е исклучено да биле наменети за некој од членовите на которските кланови чии соби се на последниот кат, веднаш под покривот. Нејасно е, меѓутоа, како ги пропуштиле полицајците кои работат на караулата – рекол изворот.

Од УИКС објаснуваат дека дронот го прелетал долниот бедем пред околу половина година и дека тогаш се сомневале дека се работи за обид за внесување недозволени материи или предмети.

На почеток