Дуке Бојаџиев со бесплатен концерт во Скопје
Композиторот и пијанист Дуке Бојаџиев на 8 мај ќе одржи концерт во градскиот парк во Скопје, со почеток во 20 часот. Бесплатниот концерт на отворено го организира Делегацијата на Европска Унија и Европската куќа во Скопје за да се одбележи 9 мај, Денот на Европа.
Тоа ќе биде прв настап на Бојаџиев во Скопје по концертите што ги одржа во Филхармонијата пред четири години. Организаторите најавија дека на концертот Дуке ќе го придружуваат реномирани меѓународни и домашни музичари, а тој ќе ги изведе своите најнови дела, спој на неговата оркестарска и филмска музика, заедно со композиции инспирирани од неговиот живот во Франција и Шпанија, дополнети со традиционалната балканска и медитеранска музика.