Македонија

Мицкоски најави блокада, СДСМ му порача дека нема да дозволи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во денешното гостување во дневникот на ТВ Сител најави блокада на Собранието во обид да се издејствува одржување на предвремени парламентарни избори.

„Македонија никогаш не била полоша. И во таква состојба, не треба да се гледаат тесните партиски интереси, туку да се подаде рака. Во услови на криза, треба да генерираме единство. Се чудам како премиерот пред само 100 дена се фалеше дека имал телефонски разговор со мене, за 100 дена подоцна се плаши да излезе на лидерска средба на која ќе разговараме за предвремени избори. Јас не се плашам да излезам на избори, тој бега од предвремени избори“, рече тој.

СДСМ возвраќa дека нема да дозволи блокада на Собранието.

„Деструктивноста на Христијан Мицкоски не познава граници, особено кога се во прашање неговиот личен и партискиот интерес. Во услови на криза кога на граѓаните им треба функционално Собрание кое ќе носи закони во интерес токму на најважните, граѓаните, Мицкоски решава да го блокира. Очигледно решил по деструкција и пакост да го надмине и неговиот шеф Груевски. Или токму ова е насоката на Груевски којашто ја спроведува“, вака возвраќаат од владејачката СДСМ на најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вечерва изјави дека после 10-ти мај ќе го блокираат Собранието.

„Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни сорабтници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата се само дел од десетиците закони во интерес на граѓаните кои ВМРО-ДПМНЕ ги блокира во Собранието.

Ништо друго и не се очекуваше од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тие продолжуваат во ист стил, со иста цел – блокада на државата.

Мицкоски не го блокира ниту СДСМ ниту Владата, туку на тој начин ги блокира решенијата за подобар живот на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ испратено вечерва до медиумите.

Оттаму додаваат дека остануваат отворени, како што велат, за сите добронамерни конструктивни предлози, но ги осудува сите обиди за блокади и вештачки кризи заради лични и партиски интереси, во време кога се води секојдневна борба против последиците од кризита и за заштита на стандардот на граѓаните.

„СДСМ е одговорна партија и по секоја цена со сите, разумни општествени партнери ќе ги надмине блокадите на Мицкоски и криминалната ВМРО-ДПМНЕ“, се додава во реакцијата на СДСМ.

На почеток