Протести во Америка под слоганот „подалеку од нашите тела“
Демонстранти во вторникот се собраа низ САД под слоганот „подалеку од нашите тела“, барајќи да се заштити правото на абортус.
Неодамна беше објавена предлог-одлука на Врховниот суд со која може да се укине правото на абортус врз основа на пресудата на Ро против Вејд од 1973 година. Ако Врховниот суд ја поништи пресудата од 1973 година, тоа би значело дека абортусот нема да биде дозволен во околу половина од сојузните држави.
Неколку илјади луѓе се собраа на митингот за правото на абортус во Њујорк, а протести се одржаа и во Вашингтон, Атланта, Чикаго, Денвер, Лос Анџелес и Сиетл, објави Ројтерс.
Во Лос Анџелес дошло до судир со полицијата, а еден полицаец е полесно повреден, додава АП.
Од Врховниот суд потврдија дека нацртот што го објави порталот „Политико“ е автентичен, но посочија и дека нацртот не претставува судска одлука или конечен став на кој било член за прашањата во тој случај.