Македонија

„Збогум Никола“, министерот Спасовски сподели фото со Заев и се присети на моментите кога беше демонстрант

Актулениот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски се потсети на моментите кога беше опозициски политичар и протестираше низ скопските улици. Тој ги сподели познатите пароли кои тогаш беа извикувани како што се: „Оди си“, „Збогум Никола“, „Цензурата е забранета“, „Слобода“, „Готово е“…

Тој вели дека на денешен ден пред седум години на граѓанскиот протест ставиле крај на владеењето на Груевски. Во неговиот натпис се додава:

„Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, … заедно и обединети бидејќи и’ мислевме добро на државата, имавме безброј причини да протестираме против суров режим. Протестиравме против насилството и криминалот за кои дознавме од прислушкуваните разговори на 20.000 лица, против замолчувањето на неистомислениците, против полициската бруталност и тепањето студенти, против неправдите со кои ги осиромашија граѓаните, против меѓународната изолација и заробената држава, мрачните сценарија и обидите за дестабилизација, против ставањето на личниот и партискиот интерес над граѓанскиот.

Го вративме достоинството на граѓаните, ја вративме демократијата во државата, слободата на медиумите, независноста на судството… Од аспект на МВР, создадовме полиција блиска до граѓаните, партнер со граѓаните и вистински сервис за спроведување на нивните права.
Денеска сме сведоци на една „активна блокада” на работата на Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која всушност е една активна кочница на исполнувањето и гарантирањето на правата на граѓаните, а со цел да се спречи континуираниот успех на СДСМ за напредок на државата. Се обидуваат да ги избришат вредностите кои ги воспоставивме, а кои не’ исправија на нозе како држава, не’ етаблираа како НАТО членка и не’ приближија кон ЕУ. Најавуваат и народен протест, но зошто?

Тие не знаат зошто, протестираат против зголемени плати, против минимална плата од 18.000 денари, што во нивно време беше 9.000 денари, против функционалните институции, против успесите на меѓународен план, против се’ што значи напредок за граѓаните и државата.
Молкот никогаш не бил опција, особено ако има за што да се крене гласот! Тоа го покажавме со народниот протест одржан на денешен ден пред точно 7 години, а со кој кажавме – Доста беше молк, режим никогаш повеќе!“, напиша Спасовски

На почеток