Бугарите велат дека сопругата на Ковачевски е Бугарка, тој даде свое објаснување
На службениот редакцискиот мејл на бугарски „Труд“ пристигнала копија од документ според кој Елена Ковачевска, сопругата на актуелниот македонски премиер Димитар Ковачевски, е Бугарка.
Бугарскиот весник „Труд“ вчера го објави документот, и како што пишува, консултациите со лица кои детално го познаваат процесот на стекнување бугарско државјанство, покажале дека документот ги содржи сите потребни атрибути за да биде вистинит. Според неговата содржина, таткото и дедото на Елена Ковачевска – Митко Станојковски и Станојко Станојковски се Бугари родени во општина Босилеград, денес во Србија.
Денеска се огласи и премиерот Ковачевски, кој вели дека неговата сопруга е родена во Крива Паланка и дека не може да коментира за прадедовци и чукундедовци.
„Не знам зошто би било од интерес потеклото на мојата сопруга. Таткото на мојата сопруга е роден во Куманово, дедото на мојата сопруга е роден во Крива Паланка. Мојата сопруга е родена во Крива Паланка, јас сум роден во Куманово, нашите деца се родени во Скопје. Сите ние поседуваме лични документи на РСМ“, изјави премиерот на денешната прес-конференција.