Македонија

Шекеринска: Перспективите што се отвораат за Македонија најмногу ќе ги искористат младите

Пред речиси три децении, политичарите и граѓаните на оваа држава се согласија дека сакаат Македонија да биде посилна, побезбедна, попроспериетна, на тој начин што ќе стане членка на Европската Унија и НАТО и ветија дека ќе ги решаваат сите проблеми кои што се пречка на тој пат. Како Влада, како граѓани се трудевме да го направиме токму тоа – да најдеме решение на проблемите кои долго време ја мачат оваа земја зашто со секоја помината деценија проблемот што сме го криеле под тепих излегува пострашен, полош и потежок за решавање.

Ова го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното отворање на Четвртиот мобилен летен универзитет на Балканот, кој се одржува во организација на Правниот факултет во Скопје и партнерски универзитети од Франција и од Германија.

Министерката рече дека владата ја презеде одговорноста проблемот кој е можеби најтежок во историјата на Македонија, а поврзан со соседите да се реши на достоинствен начин кој ќе им покаже на македонските граѓани дека е можен компромис, со зачувување и зацврстување на македонскиот јазик, култура и идентитет. „Тоа ни ги отвора вратите на НАТО и ЕУ и создава перспектива која повеќе ќе ја искористат младите“, додаде Шекеринска.

Министерката истакна дека пристапувањето кон ЕУ и НАТО зависи од две други приближувања – приближувањето помеѓу соседите и приближувањето во рамките на земјите, помеѓу различните групи, националности, религии…

„ Наместо да се фокусираме на тоа што нè разделува, да се обидеме да најдеме заеднички јазик… Верувам и горда сум на тоа дека Македонија поставува поинаков пример. Пред помалку од една година го потпишавме Договорот за добрососедство со Бугарија, го потпишавме Договорот со Грција и верувам дека нашите три земји и регионот се посилни заради тоа, а не послаби“, рече министерката.

Додаде дека Македонија во последните неколку години покажа дека како земја со многу различности, може да креира можности од кризи.

„Поминавме низ многу тешка политичка криза и мислам дека ние сите научивме од оваа криза и видовме дека заедниците можат да се приближат зашто сфативме дека ги споделуваме истите проблеми, тешкотии. Затоа за нашите земји, респектирањето, прифаќањето на различностите и почитувањето на правото е формула без која не можеме да очекуваме нашите земји и регионот да бидат подобри и без кои не можеме да очекуваме нашиот регион да се приближи кон ЕУ и НАТО“.

Правејќи паралела со делот од младите британски граѓани кои не излегоа на британскиот референдум, а очекувале поинаков исход, ги повика младите граѓани на Македонија да не ја прават, како што рече, истата грешка во овој важен и пресуден момент на нашата држава.

„Ние навистина го немаме луксузот уште еднаш да создадеме изгубена декада за Македонија и ве повикувам вашите одлуки, одлуките на вашата генерација да ги направите навреме за да не мора товарот од моите плеќи да помине на вашите плеќи“, рече министерката.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток