Свет

Русите нападнаа над 40 градови во Донбас, најмалку пет цивили загинаа

Најмалку пет цивили загинаа, а 12 се ранети во напад на руските сили на повеќе од 40 градови во Донбас, тврди украинската армија.

– Окупаторите гранатираа повеќе од 40 градови во регионите Доњецк и Луганск и уништија или оштетија 47 цивилни згради, меѓу кои 38 куќи и едно училиште. Во гранатирањето загинаа пет цивили, а 12 се ранети – објавија украинските вооружени сили на Фејсбук.

Во соопштението се наведува дека се одбиени 10 напади, а уништени се четири тенкови и четири дронови.

Исто така, се тврди дека загинале 62 непријателски војници.

Ројтерс забележува дека не можел самостојно да ги потврди овие извештаи од бојното поле.

Британската агенција не извести кога се случиле овие напади.

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили спроведуваат интензивна офанзива врз клучниот град Лиман во областа Доњецк.

Лиман е важен железнички центар и ако Русите успеат да ја преземат контролата таму, блискиот град Славјанск станува поранлив на напади, а украинските војници југоисточно од градот стануваат поизложени на опасностите од опсада.

На почеток