Зеленски порача: Ќе вратиме се што ни одзеде Русија


Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека ослободувањето на Украина е се поблиску секој ден и дека е „само прашање на време“ кога Украина ќе го врати она што Русија и го одзеде.
Зеленски додаде дека ситуацијата во Донбас се уште е тешка, особено во областите Северодоњецк, Лисичанск, Бахмут и Попасна.
– Најважно е, што се однесува до снабдувањето со оружје, секој ден сме се поблиску да го надминеме нашиот непријател – рече украинскиот претседател и посочи дека украинските партнери се подготвени да и обезбедат на неговата земја се што и е потребно да се брани од Русија.
Зеленски посочи дека руските сили нанеле „варварски удари“ со ракети и минофрлачи врз регионот Суми и Николаево, каде едно лице загина, а седум се ранети кога беше погодена станбена зона на 20 метри од градинката.
-Тоа беше целта што ја избра Руската Федерација. „Повторно и повторно, ваквите акции ќе го потсетуваат светот дека Русија конечно мора да биде официјално окарактеризирана како терористичка држава“, рече тој.
Зеленски изјави и дека руските сили ги спречуваат Украинците да се евакуираат од регионот Керсон.
