Свет

Лавров се огласи за здравјето на Путин

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше гласините дека рускиот лидер Владимир Путин е наводно болен.

Лавров рече дека сите разумни луѓе кои ги следат секојдневните јавни настапи на рускиот лидер, тешко дека ќе видат знаци на некоја болест кај него.

„Претседателот Путин се појавува во јавноста секој ден. Можете да го видите на вашите екрани, да ги читате и слушате неговите говори. Мислам дека разумно суштество не може да види знаци на болест кај него“, рече Лавров во интервју за француската телевизија “TF1”.

Тоа го оставам на совеста на оние кои шират такви гласини“, додаде Лавров.

Рускиот министер рече и дека Путин е подготвен да разговара со претседателот на Франција, Емануел Макрон, како и со други колеги за прашањето на Украина, и покрај нивната реторика во јавноста.

„Главната работа зад тоа е желбата навистина да се реши европската безбедносна криза“, рече тој.

„Ние никому не се наметнуваме. Ако некој сака да разговара со нас, Путин никогаш нема да ги одбие колегите кои бараат разговор или средба. Доколку Макрон му се обрати на Путин со предлог за разговор, гарантирам дека ова барање ќе биде поддржано “, заклучи Лавров.

На почеток