Промоција на научната книга „Конески како тестамент“
Културно-Информативниот Центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на промоција на научната книга „Конески како тестамент“ од Весна Мојсова – Чепишевска, издание на „Матица македонска“ на ден 7.06.2022 година почеток во 19:19 часот, во Салон 19:19.
На промоцијата, книгата ќе биде претставена со осврт на Иван Антоновски и со разговор меѓу него и Мојсова-Чепишевска, со прашања отворени и поттикнати со „Конески како тестамент“. Музичката програма на настанот ќе биде во изведба на Каролина Петровска на пијано.
Книгата „Конески како тестамент“ е резултат на долгогодишната посветеност на Мојсова-Чепишевска на делото на Блаже Конески. Во книгата се отвораат повеќе прашања и се анализираат сегменти од делото на великанот, коишто претходно не се согледани или потемелито анализирани и коментари од македонската книжевна наука. Со иновативен книжевно-теориски, историографски и културолошки пристап, во оваа книга, Мојсова-Чепишевска предочува и низа малку познати информации, податоци и интерпретации и доаѓа до низа тези, согледби и заклучоци, коишто претставуваат ново исчитување и валоризација на делото на Конески како нулта точка на современата македонска култура.
Весна Мојсова-Чепишевска е редовна професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на којшто повеќе од три децении предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, a повеќе од една деценија и предмети од областа на книжевноста за деца, како и од областа на македонската култура. Авторка е на над 350 објавени научни трудови во домашни и странски списанија, како и на 8 книги, приредувач е на 7 антологии и коавтор на една белетристичка книга. Од октомври 2019 година е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две децении работи и како лектор по македонска литература на школите на Семинарот. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Македонскиот славистички комитет (СМК). Добитничка е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга, критика и есеистика.