Бугарија со протестна нота до Македонија заради пожарот во Битола
Министерството за надворешни работи на Република Бугарија му врачи протестна нота на привремениот шеф на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија Владимир Крастевски по повод пожарот во раните утрински часови на влезната врата на Центарот за култура „Ванчо Михајлов“ во Битола.
„На вонредната средба што се одржа денеска во МНР, заменик-министерката за надворешни работи Велислава Петрова изрази загриженост и најостро го осуди делото извршено од непознати лица, поради што е причинета материјална штета на објектот. Беше истакнато дека ваквите вандалски акти не се само израз на национална омраза и нетрпеливост кон невладините организации како важен дел од граѓанското општество, туку се во сериозен судир и со демократските вредности и принципи на современиот цивилизиран европски систем.
Знак за демонстративното и неиспровоцирано криминално дело на сторителите на подметнувањето пожар е и тоа што пред само неколку недели на отворањето на осквернавената зграда на Центарот за култура присуствуваа високи претставници на Република Бугарија. Бугарската страна е убедена дека неславниот настан во Битола не придонесува за развој на пријателството, добрососедството и соработката и е спротивен на напорите на владите на двете земји да го најдат вистинскиот пат за европска интеграција на Република Северна Македонија.
Министерката Теодора Генчовска денеска и утре престојува во Република Северна Македонија на разговори за евроинтеграциите на нашиот југозападен сосед и во рамки на посетата ќе ја посети Битола за да се запознае со околностите околу инцидентот со Центарот за култура „Ванчо Михајлов“.
Министерството за надворешни работи силно ги повикува властите на Република Северна Македонија да преземат решителна акција за итно откривање и гонење на сторителите на подметнувањето пожар и навремено да ја информираат бугарската страна.
Бугарската страна ја поздравува брзата реакција на властите во Република Северна Македонија, кои најостро го осудуваат инцидентот и се залагаат за итна истрага и казнување на сторителите“; се вели во соопштението на бугарското МНР.