Свет

Експлозија во фабрика во Индија, најмалку 10 лица загинаа

Најмалку 10 лица загинаа, а 22 се повредени во саботата во хемиска експлозија во фабрика за електронска опрема во северниот индиски округ Хапур, соопшти локалната полиција.

Несреќата се случила откако котел експлодирал во индустриски капацитет во Даулана, на околу 60 километри од Њу Делхи, изјави портпаролот на индиската полиција Сурендра Синг, пренесува Ројтерс.

„Спасувачките операции се во тек“, рече Синг, додавајќи дека бројот на жртвите можеби не е конечен, бидејќи многу луѓе се тешко повредени.

Индустриските несреќи се вообичаени во Индија, а најчести причини се непочитувањето на безбедносните стандарди и лошиот инспекциски надзор, наведува британската агенција.

На почеток