САД тврдат дека влезот на Шведска и Финска во НАТО ќе ја отежне позицијата на Русија


Со влегувањето на Финска и Шведска во НАТО алијансата, Русија би била доведена во потешка воена позиција на Балтикот, изјави денеска при посетата на Стокхолм началникот на Здружениот генералштаб на американската армија, генерал Марк Мајли.
И покрај приговорите на Турција, Шведска и Финска – нордиските земји кои имаат долги граници во Балтичкото Море, минатиот месец поднесоа барање за пристапување во Северноатлантската алијанса поради зголемените безбедносни грижи предизвикани од руската инвазија на Украина, објави Ројтерс.
Приклучувањето кон нив би значело дека руските градови Калининград и Санкт Петербург ќе бидат опкружени со НАТО.
– Од руска перспектива, тоа ќе биде многу проблематично воено, и многу корисно за НАТО – изјави генералот Мајли во Стокхолм пред воената вежба на НАТО.
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец изјави дека влезот на Шведска и Финска во НАТО не претставува закана за Русија, иако предупреди дека Москва има подготвен одговор доколку алијансата предводена од САД ја зајакне својата воена инфраструктура со приклучување кон двете нордиски земји.
