Свет

Маж се судри со свештеник во Нигерија, па толпа луѓе го запали

Толпа запали маж во кавга со муслимански свештеник во главниот град на Нигерија, Абуџа, соопшти локалната полиција. Џозефин Адех, портпаролка на полицијата во Абуџа, изјави дека Ахмад Усман се скарал со неидентификуван свештеник и дека кавгата прераснала во насилство.

„Огорчената расправија прерасна во насилство што доведе до убиство и палење на Ахмад Усман од страна на лута толпа мобилизирана од околу двесте свештеници“, рече портпаролката на полицијата во Абуџа.

Во извештајот на Ројтерс се наведува дека полицијата го пренела мажот со изгореници во болница, но неговата смрт била констатирана веднаш по пристигнувањето. Минатиот месец, студентка беше претепана до смрт и запалена од нејзините колеги студенти, кои тврдеа дека објавила „богохулни“ изјави за студентска група на „Вацап“, а двајца студенти беа изведени на суд поради случајот.

Нигерија е секуларна држава, но некои провинции во доминантно муслиманскиот север на таа земја го почитуваат исламскиот шеријат и имаат судови кои казнуваат за непочитување на шеријатскиот закон, додава британската агенција.

На почеток