Македонија

Денеска започнува Отворен Балкан во Охрид

Во Охрид денеска почнува дводневен самит на регионалната иницијатива Отворен Балкан, на кој присуствуваат српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и претставници од Црна Гора и БиХ.

Како што е најавено, на самитот ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка во областа на високото образование, туризмот, културата и даночните служби.

Гостин на самитот ќе биде црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ кој ја поддржа иницијативата Отворен Балкан и ќе присуствува, како што најави, во улога на набљудувач.

Во улога на гостин на самитот ќе биде и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија.

Самитот ќе започне околу 18 часот, во хотел Метропол во Охрид, со средба на лидерите на земјите од Отворен Балкан со министрите за земјоделство.

Потоа следува работна вечера на лидерите на Отворен Балкан.

На официјалното отворање на самитот во среда, покрај српскиот претседател Вучиќ, премиерот Ковачевски и Рама, како и Абазовиќ и Тегелтија, на официјалното отворање на самитот ќе се обратат и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, објави владата.

Лидерите на Отворен Балкан ќе се сретнат и со претставници на меѓународни организации.

На крајот на самитот, претседателот Вучиќ и премиерите Ковачевски и Рама ќе одржат прес-конференција.

Отворен Балкан е регионална иницијатива формирана од Албанија, Северна Македонија и Србија, со цел зголемување на економската и друга соработка меѓу трите земји, како и подобрување на меѓусебните односи.

На почеток