Македонија

Двете најголеми партии се препукуваат кој да ги врати украдените пари, а граѓаните осиромашуваат

Изминатиот период двете политички партии се препукуваат околу зголемениот животен стандард на граѓаните. Тие преку партиски соопштенија бараат да се вратат украдените пари на граѓаните.

СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да го продаде Белиот дворец кој е проценет дека вреди седум милиони евра, а во него има кинески лустери од над 20.000 евра, подни плочки од 100.000 евра, дрвен паркет од Италија од 76.000 евра, теписон од 20.000 евра, вазна од 180 000 евра.

„По правосилноста на пресудата, Белиот дворец треба да се продаде и парите да се вратат онаму каде што припаѓаат, кај оние од коишто им е одземен а тоа е се граѓаните. Тоа е правично и праведно, парите да се вратат кај граѓаните, затоа што тоа се пари на граѓаните. Во тој луксузен дворец проценет на седум милиони евра, има кинески лустери од над 20.000 евра, подни плочки од 100.000 евра, дрвен паркет од Италија од 76.000 евра, теписон од 20.000 евра, вазна од 180 000 евра. Тоа се сериозни средства кои во време на светска економска криза можат да се искористат за помош кон граѓаните и домаќинствата“, вели СДСМ.

Слични се барањата и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие бараат премиерот на државата да го продаде златниот прибор во владата кој вреди 40 илјади евра. Според нив со тие пари ќе може да се купи едно амбулантно возило.

„Ковачевски во ек на најголема криза додека народот едвај си купува леб, купи златен прибор за јадење за во влада. Приборот кој владата го набави е 40 илјади евра. Со 40 илјади евра, наместо златен прибор, Ковачевски можел да купи едно амбулатно возило, но и да нахрани илјадници семејства. Ковачевски не сака да се откаже од 50% од акцизата за горивата за да има повеќе пари во буџетот за крадење и трошење на луксуз“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Додека тие се препукуваат кој треба да ги врати парите, граѓаните осиромашуваат.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во мај 2022 година, во однос на претходниот месец, изнесува 102.0, а индексот на цените на мало изнесува 101.5.

Пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6.7 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6.2 %, млекото за 5.4 %, лебот и житата за 3.7 %.

Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19.0 %, услугите за сместување за 7.5 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7.4 %, накитот, часовниците и рачните часовници за 7.0 %, течните горива за домаќинствата за 5.8 %, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5.7 %, туристичките аранжмани за 4.3 %.

На почеток