Украдени над 900 милијарди динари државни пари: Грабежи во ирачки банки
Речиси 700 милиони долари од јавните фондови биле проневерени во државните банки во Ирак, а во скандалот биле вмешани повеќе од 40 лица, соопшти денеска комисијата за борба против корупцијата по тригодишна истрага.
Вкупно 926 милијарди ирачки динари (697 милиони долари) исчезнале со „фалсификување, проневера, манипулација, перење пари и злоупотреба на службената положба“, објави Комисијата за интегритет, пренесе АФП.
Наводната кражба се случила во филијалата на Агрикултурната банка и четири филијали на Рашид банката во провинцијата Мајсан и главниот град Багдад, се наведува во соопштението.
Комисијата не прецизираше во која временска рамка се случила кражбата на пари, но функционерот на ова тело, кој не сакаше да биде именуван, рече дека сомнителните активности започнале во 2019 година.
– По 41 осомничен ќе бидат распишани налози за апсење – додаде овој функционер.
Комисијата објави дека во скандалот се вмешани банкарски службеници и клиенти и дека нивните постапки може да се опишат како „процес на организирана саботажа против националната економија“.