Свет

Америка првпат испрати моќни ракети во Украина: „Влоговите се превисоки“

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на министрите за одбрана во Брисел изјави дека руската инвазија на Украина е „клучен момент“ за Америка, додавајќи дека сојузниците на Украина „не смеат да си дозволат да попуштат и да го изгубат здивот“.

Остин зборуваше на почетокот на средбата, чија главна тема е испраќање тешко оружје во Украина.

„Влогот е превисок. Мораме да го интензивираме исполнувањето на нашите заеднички обврски кон украинската самоодбрана и мораме да направиме уште повеќе за да обезбедиме Украина да ја брани својата територија и нејзините граѓани“, рече Остин.

Украина се соочува со „решавачка битка“ во Северодонецк, каде руските сили користат оружје со долг дострел за целосно да ги уништат одбранбените позиции на Украина, рече Остин.

Во меѓувреме, новинарот на Блумберг, Ентони Капачо, објави дека Соединетите Држави планираат да објават нов пакет воена помош за Украина од 650 милиони долари, кој за прв пат ќе вклучува моќни противбродски ракети од типот Харпун.

На почеток