Москва: Ситуацијата се комплицира
Можната турска операција во Сирија ги затегна односите меѓу Анкара и Москва. Специјалниот претставник на претседателот на Русија за Сирија вели дека ситуацијата станува се покомплицирана.
Александар Лаврентиев изјави за Спутник дека потенцијалната операција на Анкара на северот на Сирија нема да ги реши проблемите. „Направивме се за да ја убедиме турската страна во контрапродуктивноста на тој чекор, што може да има далекусежни негативни последици“, рече тој.
На 15 и 16 јуни во Казахстан се одржаа преговори меѓу земјите гаранти (Русија, Иран, Турција) во формат Астана, а учествуваа и претставници на сириската влада и опозиција, како и на Обединетите нации.
Претходно медиумите објавија дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави нова антитерористичка операција во северна Сирија.
Претставникот на Путин за Сирија смета дека потегот на Турција нема да ги реши проблемите, туку ќе доведе до нови безбедносни закани за Турција, бидејќи Курдистанската работничка партија и Сириските демократски сили нема да престанат да постојат и да дејствуваат против Анкара по таа операција.
„Поправилен начин е да се бара мирно решение за тој проблем. Руската делегација ги вложи сите напори да ја убеди турската страна во контрапродуктивноста на тој чекор, што може да има далекусежни негативни последици“, додаде Лаврентиев.
„Турција не сака да преговара со Курдите во североисточна Сирија, а ние од наша страна се обидуваме да ги убедиме Курдите да комуницираат, да развијат односи со Дамаск, да најдат компромисни решенија, да постигнат договор за обновување на сириското единство и да ги вклучиме сириските демократски сили во националните рангови. Сè што може да спречи негативно сценарио“, рече тој.
На прашањето дали ќе започне операцијата, каков ќе биде одговорот на Русија, тој одговори: „Русија не планира да војува со турската армија и сириските национални сили, кои се под покровителство на Анкара. Таму немаме борбени единици“.
Сепак, одговарајќи на прашањето дали може да дојде до директен конфликт меѓу силите на Турција и Дамаск, Лавренјев вели дека не е исклучена оваа варијанта.