Милошоски објави дел од преговарачката рамка на ЕУ: Власта не успеа да ги заштити македонските национални интереси


Антонио Милошоски на неговиот профил на Фејсбук објави дел од преговарачката рамка на Европската унија (ЕУ).
Милошоски смета дека Власта не успеа да ги заштити македонските национални интереси.
„Ова е извадок од предлог преговарачката рамка на ЕУ, во која има сериозни влошувања наметнати како дополнителни услови за Македонија:
1. Билатералниот Договор од Преспа, како и Договорот со Бугарија станува составен дел од преговарачката рамка со ЕУ, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати.
2. На Македонија И се отвара уште едно малцинско прашање (читај повторно отварање на Уставот) кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција.
3. Процесот на Стабилизација и асоцијација кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната Декларација на Бугарија од 2019 година .
Ковачевски, иако тврди дека не бил во тек со преговорите, овој текст го имал на увид уште пред неколку недели, но со министрите Бујар Османи и Маричиќ не успеале да го заштитат основниот принцип за кој се залагаа многу пријатели членки на ЕУ, и кој И одговара на Македонија, а тоа е билатералните договори да не стануваат дел од рамката за преговори“, напиша Милошоски.
