Петар Колев: Францускиот предлог е мачка во вреќа
„Францускиот предлог, без содржината на патоказот или протоколот споменат во него, е мачка во вреќа“. Ова во интервју за БГНЕС го вели Петар Колев, претседател на Граѓанско-демократскиот сојуз.
Тој рече дека неколку работи оставиле впечаток во францускиот предлог.
„Во целиот предлог единствено што е имплицитно поправено е прашањето за правата на Бугарите во Р. Македонија и промената на македонскиот устав. Односно ова е точката плус 1 од спорните 4 + 1 точки кои остануваат за преговори меѓу Скопје и Софија. Во целата содржина ќе видиме дека нема поими како општа историја, воспитно-образовен процес, архиви на тоталитарните служби во Македонија и ред други прашања кои конкретно беа споменати во условите 4 + 1 поставени од Бугарија“, рече Колев.
Тој нагласи дека за него францускиот предлог е мачка во вреќа бидејќи „не може да разбере како бугарските пратеници ќе гласаат за еден документ кога овој документ е упатување на друг документ, чија содржина се уште никој не ја знае“.
„Не можам да кажам дали некој се обидува да потпише бланко чек или бел лист без јасна содржина, што утре ќе бидеме крајно изненадени што ќе видиме внатре. Ако работите останат вака, без јасни гаранции за расчистување на контроверзните прашања во историјата, без јасни гаранции за промена на образовниот систем, се надевам дека сфаќате со какви нецивилизирани, нечовечки и неморални избори се соочуваат македонските Бугари. Треба да избереме дали ние и нашите деца сме Бугари или нашите дедовци се Бугари. Се надевам дека бугарското општество ќе сфати за каков вулгарен и нецивилизиран пристап е ова“, предупреди Петар Колев.