Скопје

„Општината и Град Скопје не смеат да дозволат да се уништи Урбан парк“, вели Шанса за Центар

Општина Центар и Град Скопје не смеат да дозволат да се уништи Урбан парк – последната јавна зелена површина со здрави децениски стари дрвја на булеварот Јордан Мијалков !
Општината и Градот не смеат да дозволат овој парк да биде искористен од страна на инвеститорот Diamond of Skopje за пристап до градежна парцела затоа што така неповратно ќе ги загубиме десетиците раскошни дрвја, велат од Шанса за Центар.

„Парковите и зеленилото во Центар се толку ретки што тие не смеат да се третираат како градежни површини, ниту за пристап до градежни површини.

Да потсетиме, инвеститорот на располагање за големите градежни зафати има површина од над 66.000 м2 и може да најде решение за пристап до парцелите без да го узурпира единствениот парк во подрачјето со површина од околу 4.000 м2. Тоа воедно е единственот парк сѐ до паркот Жена борец пред Собранието. Да не заборавиме дека и Паркот на новинарите според урбанистичките планови е предвидено целосно да го снема, односно да биде претворен во џиновски кружен тек и во градежни парцели!

Шанса за Центар побара информација од Општината дали на инвеститорот Лимак му е одобрен пристап до градежна парцела и дали Град Скопје има издадено дозволи за сечење на дрвјата во паркот.
Доколку е одобрен таков пристап бараме ОПШТИНАТА И ИНВЕСТИТОРОТ ДА НАЈДАТ ДРУГО РЕШЕНИЕ СО КОЕ НЕМА ДА СЕ УЗУРПИРА И УНИШТИ УРБАН ПАРК.

До Градот Скопје апелираме доколку постојат решенија за сечење на ЗДРАВИТЕ И РАСКОШНИ ДРВЈА ВО УРБАН ПАРК да ги ревидира и да го ЗАПРЕ ИЗВРШУВАЊЕТО!

Доколку се исечат дрвјата потоа никакви донации од инвеститорот во клупи, плочки и грмушки, според идејниот проект што го сподели Kiril Przo не можат да ја надоместат загубата и тоа само ќе придонесе во зголемување на загадувањето на воздухот и создавање на нов топлотен остров во Центарот на Скопје. Тоа само ќе го влоши животот на сите граѓани кои живеат во околината на паркот, но и на новите кои ќе се вселат во становите на Лимак“, стои во објавата.

На почеток