Скопје

„Општината да ги отстрани сите нелегално поставени угостителски тераси, дивоградби“, велат од Шанса за Центар

Шанса за Центар нема да се откаже од борбата за безбедно движење на пешаците и почитување на јавниот заеднички простор во Општин Центар.

Тие до општина Центар поднесоа претставка. Истата ви ја пренесуваме во целост

Ние, советниците од Шанса за Центар заедно со жители на општина Центар, од подрачјето Дебар Маало, се обраќаме за да пријавиме не безбедност и ограниченост во движење на најранливите – немоторизираните учесници во сообраќајот.

1. Жителите на општина Центар во бројни наврати, и индивидуално, и организирано, имаат поднесувано петиции до градоначалникот и советот, поплаки до општинските служби, до полиција, и до другите надлежни институции, во врска со работењето на угостителските објекти. Нашите обраќања се однесуваат на незаконски поставената урбана опрема, бучавата, проблемот со паркингот, и генерално арогантниот однос на угостителите кои немаат никаква елементарна почит ниту кон луѓето кои живеат во Дебар Маало, ниту кон законите и правилата кои важат во оваа држава. Од страна на општината, освен бирократски лаконски одговор дека општината постапува согласно законските надлежности, или никаков одговор, до денес не е преземена ниедна конкретна мерка како одговор на бројните наши јасно дефинирани барања и поплаки.

2. Диво зафатениот јавен простор со поставување маси и столици, или заградени со ленти или објекти дивоградби, до ден денес опстануваат и се толерираат од страна на општината без јасна причина и образложение, наместо да бидат срушени во најкус можен рок. Никаде во светот, освен кај нас, нема примери каде децата и количките со бебиња одат по улица за да џиповите се паркираат слободно на тротоари, а угостителите со лента си го затвораат просторот. Угостителите директно ги прекршуваат одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, и тоа член 4, член 17 и член 63;
Повелете слики во прилог.

3. Прашањето на поставување урбана опрема на јавен простор, односно начинот на користење јавен простор за вршење комерцијална дејност надвор од просторот на локалот е прашање кое директно ги засега интересите на жителите на општината. Квалитетот на живот на жителите на Центар, особено Дебар Маало, е значително влошен изминатите години токму заради толерирањето на угостителите и нивниот арогантен однос. Општината е должна да работи на подобрување на квалитетот на живот, наместо да биде соучесник во уништување на животот во Дебар Маало. Во последно време и безбедноста во овој дел од општина Центар станува се поголем проблем заради однесувањето на гостите кои ги посетуваат локалите – насилничко возење со коли и мотори по улиците, чести тепачки, галами и караници од пијани гости во сред ноќ, и слични вознемирувачки појави кои се веќе секојдневие.

Заради гореизнесеното, БАРАМЕ:

Во најкус можен рок општината да ги отстрани сите нелегално поставени угостителски тераси, дивоградби;
Општината веднаш да почне да ја спроведува Програмата за урбана опрема, и по неа да работи како законски документ кој не е укинат и кој е во важност се до изработка на нова Програма за урбана Опрема;
Да го активира Партиципативнотот тело за Урбанизам како и директно засегнатите граѓани во изработката на нова/дополнета Програма за урбана опрема.

Според Законот за постапување по претставки и предлози (Службен весник на РСМ бр 87/2008), и особено член 6, 14 и 15; бараме во рок од 30 дена да добиеме писмен одговор, за секоја ПОЕДИНЕЧНА точка од нашите барања, во кој бараме задолжително да се наведат:
конкретни мерки (пример, отстранување на опрема од страна на инспекциските служби, иницирање постапка пред друг надлежен орган, покренување иницијатива за промена на закон или подзаконски акт, и слично) кои општината ги презема, која конкретна служба на општината или друга институција е надлежна за секоја мерка, со емаил и телефоснки контакт податоци од службено лице;
во кој рок секоја мерка ќе биде спроведена.

На почеток