Актуелно

„Ако нема кандидатски статус за БиХ, бриселскиот договор умира“, вели Додик

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик денеска изјави дека ќе ја повлече својата согласност од реформскиот договор што неодамна го поддржа на состанокот со други политичари и претседателот на Европскиот совет, доколку БиХ не добие кандидатски статус за ЕУ ​​оваа недела.

Во средината на јуни, со посредство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, водачите на 12-те политички партии во БиХ го поддржаа договорот во кој се наведени обврските што треба да се спроведат со цел БиХ да добие кандидатски статус.

Ако нема кандидатски статус за БиХ, бриселскиот договор умира“, напиша Додик на својот Твитер профил.

Тој објасни дека целта на состанокот во Брисел била „мотивирана од желбата на Шарл Мишел да му понуди на Европскиот совет конкретен договор за политичарите од БиХ“.

„Сè уште стојам зад тоа. Доколку добиеме статус на кандидат, треба да се исполни се што е таму договорено“, напиша Додик, кој е и лидер на водечката СНСД.

Две опозициски српски партии во БиХ се спротивставија на договорот, а претставниците на СДС воопшто не отпатуваа во Брисел.

Лидерот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, како единствен хрватски претставник во Брисел, одби да учествува на заедничката средба во Брисел бидејќи таму бил и Жељко Комшиќ, кого го нарече вториот бошњачки член на Претседателството на БиХ. Договорот го поддржа и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој рече дека тоа е добар документ за Хрватите во БиХ.

На почеток