„Ќе вложам максимални напори целата ЕУ едногласно ги прифати кандидатурите на Украина и Молдавија за членство“, вели Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека ќе вложи максимални напори на Украина и на Молдавија да им даде кандидатски статус.
Тој исто така смета дека ЕУ треба да биде отворена за другите земји, а исто така е за реформирање на Унијата, особено кога станува збор за правилата за гласање.
Шолц испратил барање ЕУ да почне да носи надворешнополитички одлуки со квалификувано мнозинство, што значи укинување на правото на вето на одделни земји, но тешко дека ќе ја добие поддршката од Франција и некои други земји, пренесува порталот Politico.
Зборувајќи во средата пред пратениците во Бундестагот пред Самитот на Европскиот совет закажан за денеска и утре, Шолц рече дека решително ќе се залага Украина и Молдавија да добијат статус на кандидат за членство во ЕУ и посочи дека таквата заложба носи одредени обврски.
„Ќе вложам максимални напори во Европскиот совет за да се осигурам дека целата ЕУ едногласно ги прифати кандидатурите на Украина и Молдавија за членство“, најави германскиот канцелар, додавајќи дека „ЕУ мора да може да прифати и нови членки“.
Шолц ја повтори својата заложба за реформите во ЕУ, пред се за промена на правилата за гласање со цел да се спречи поединечни земји да ги блокираат одлуките на мнозинството, особено нагласувајќи ја надворешната политика како област во која е неопходна таква промена.
Неколку земји од ЕУ, вклучително и Франција, веќе се спротивставија на укинувањето на правото на вето во клучните области како што е надворешната политика.
Шолц повика на усвојување на Маршаловиот план за обнова на Украина по војната и најави дека Германија ќе инсистира на создавање „меѓународна експертска конференција на високо ниво“.