ЕУ ќе се обиде да го „деескалира“ спорот со Русија во врска со Калининград
Европската унија ќе се обиде да го „деескалира“ спорот со Русија во врска со Калининград, тврдат високи дипломатски извори во Брисел.
Од Европската комисија, како што пренесува „Тајмс“, ќе биде побарано да ја „ублажи“ ситуацијата откако Литванија го блокираше транзитот на стока до руската ексклава под санкциите на ЕУ по предлогот од Брисел.
Затоа Русија се закани со „сериозно негативни“ последици од санкциите насочени кон транспорт на градежни материјали и некои други ресурси, кои Москва ги опиша како „непријателска акција“ од Литванија и „блокада“ на Калининград.
ЕУ досега остана посветена на ова прашање, но високи дипломатски извори велат дека Италија и некои други европски влади побарале од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен „да го изгасне осигурувачот“. „Не се работи за повлекување, туку за избегнување на ескалација. ЕУ не се обидува да го блокира Калининград“, рекол изворот, а пренесува Јутарњи лист.
„Ние сме во близок контакт со литванските власти и ќе обезбедиме дополнителни насоки за тоа како да се продолжи“, рече еден претставник на Комисијата, нагласувајќи дека царинските проверки на возовите што минуваат низ Литванија до Калининград ќе бидат „пропорционални и ефективни“.
Овие нови насоки подразбираат одржување мерки за проверка на возовите или камионите кои превезуваат стока со цел да се спроведат санкции, но сега тие дозволуваат движење на метал или градежни материјали доколку стоката е за домашниот пазар на Русија, од кој Калининград е дел.
Литванската премиерка Ингрид Симонит ја обвини Москва за пропагандни лаги поради наводите за блокада на железницата на Калининград. „Литванија се придржува до санкциите што ЕУ и ги воведе на Русија поради агресијата и војната против Украина“, рече таа.