Почна расправата во бугарското собрание за кревање на ветото за РСМ
По два дена неуспешни редовни собраниски седници поради немање кворум, утрово во Народното собрание на Бугарија се пријавија доволен број пратеници и почна седницата на која прва точка на дневен ред е предлогот за Северна Македонија.
Практично, бугарскиот парламент може да му даде мандат на Советот на министри да ја одобри преговарачката рамка предложена од француското претседателство и да го укине ветото на PCM, посочува БНТ.
Условите за поддршка во предлогот на Демократска Бугарија се: ефикасно спроведување на договорот за соседство, гарантирање на правата на Бугарите во РСМ со нивно рамноправно вметнување со другите народи во Уставот, ништо во пристапниот процес не може да се толкува како признавање на постоењето на македонскиот јазик и европски гаранции за исполнување на условите на Бугарија.
На вчерашната седница на Комисијата за надворешна политика „Препродба“ и „Има таков народ“ гласаа „против“ предлог-одлуката, додека БСП беше воздржана. Пред да се сложат за предлогот на ДС, пратениците ги разгледаа и предлог-одлуките на ГЕРБ и ДПС.
Бугарскиот премиерот во оставка Кирил Петков доцна синоќа во Брисел коментираше дека не очекува Народното собрание денеска да донесе конечна одлука за францускиот предлог.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски вчера по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел го отфрли францускиот предлог кој го понуди Париз за надминување на спорот со Бугарија.