Северна Кореја: “Ова го докажува лицемерието на САД“
Северна Кореја денеска ги обвини Соединетите Држави за воспоставување воена алијанса како НАТО во Азија.
Тие исто така додадоа дека непоколебливата цел на САД да ја соборат севернокорејската влада го принуди Пјонгјанг да развие посилна одбрана.
„Додека несовесно одржуваат заеднички воени вежби со Јапонија и Јужна Кореја, Соединетите Држави преземаат целосен чекор кон воспоставување НАТО во азиски стил“, се вели во соопштението на севернокорејското Министерство за надворешни работи.
Станува збор за неодамнешни воени вежби спроведени од американски, јужнокорејски и јапонски сили.
Соединетите Американски Држави одржаа и вежби со јужнокорејските сили во кои учествуваше американскиот носач на авиони, првпат по повеќе од четири години, потсетува британската агенција.
„Ова го докажува лицемерието на американската реторика на дипломатски ангажман и дијалог без предуслови, а во исто време открива дека нема промена во амбициите на САД да го соборат нашиот систем насилно“, се вели во соопштението на севернокорејското министерство.
Се вели дека треба да се направат сеопфатни напори за развој на уште посилна моќ, за да можат да ги надминат сите видови непријателски дејствија на САД.
Соединетите Држави инсистираат Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и понудија средба со севернокорејските власти „во секое време без предуслови“ за да разговараат за ова прашање, додека Северна Кореја ја отфрли понудата.