Магазин

Почна „Гола Месечина“ во Општина Аеродром

На уникатен и необичен начин, овој викенд започна деветтото долго очекувано издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“, организиран од Театар Комедија и Општина Аеродром. На репертоарот овој викенд се најдоа македонската претстава „Да, инспекторе“ (претстава со грешки) и претставата на Театар Славија од Белград „Опасна љубовна игра“, при што беше забележана масовна посетеност од страна на аеродромци.

Програмата продолжува и во наредните денови, а сите љубители на театарската уметност можат да се смеат и забавуваат со претставите „Прекрасна недела за Крев Коер“ од Народен театар „Иван Вазов“ од Софија што ќе се одигра вечерва, утре (вторник) на репертоар е „Паника во Хотел Палас“ на струмичкиот театар, а во режија на Коле Ангеловски, во среда аеродромци ќе уживаат во претставата „Слуга на двајца господари“ од велешкиот театар. Со „Енергични луѓе“ на театарот „Григор Прличев“ од Охрид, во четврток ќе биде заокружен овој неколкудневен магичен спектакл под ведро небо.

Сите заинтересирани можат да ги подигнат картите за претставите во просториите на Општина Аеродром или на билетарницата на Театар Комедија. Влезот е бесплатен, а ве очекува многу смеа, забава и одлична атмосфера.

На почеток