Свет

Си-Ен-Ен: Украина нема да ја врати целата територија што ја загуби од Русија

Некои претставници на Белата куќа се сомневаат дека Украина некогаш ќе може да ја врати целата територија што ја загуби од Русија во изминатите четири месеци од војната, пишува Си-Ен-Ен.

„Тоа нема да се случи ниту со потешко и помодерно оружје што планираат да го испратат САД и нивните сојузници, велат извори од американската администрација за таа американска медиумска куќа.

Како што се наведува, советниците на американскиот претседател Џозеф Бајден започнале внатрешна дебата за тоа како и дали украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да ја промени својата дефиниција за украинската победа, во согласност со можноста територијата на државата да е неповратно намалена.

Американските власти изјавија за Си-Ен-Ен дека оваа попесимистичка проценка не значи дека САД планираат да извршат притисок врз Украина да направи какви било формални територијални отстапки кон Русија со цел да се стави крај на војната.

Исто така, постои надеж дека украинските сили ќе можат да вратат значителни делови од територијата во веројатна контраофанзива подоцна оваа година.

Не се сите во американската администрација толку загрижени, бидејќи некои веруваат дека украинските сили повторно би можеле да ги „пркосат очекувањата“, како што тоа го направија во првите денови од војната кога беше одбиен напредокот на Русија кон украинската престолнина Киев, пишува Си-Ен-Ен.

На почеток