Путин немаше да ја нападне Украина да беше жена, тврди Џонсон
Рускиот претседател Владимир Путин немаше да ја нападне Украина да беше жена, тврди Борис Џонсон. Британскиот премиер рече дека оваа луда, мачо инвазија на Украина е совршен пример за токсична машкост и повика на повеќе жени на позиции на моќ.
Тој ова го изјави во интервју по самитот на Г7 за германската телевизија ЗДФ.
„Путин да е жена…“
Зборувајќи за родовата еднаквост и важноста на образованието, тој рече дека се потребни повеќе жени на моќни позиции, пренесува Би-Би-Си.
„Доколку Путин беше жена, што очигледно не е, но ако беше, навистина не мислам дека ќе се впуштеше во луда, мачо војна за инвазија на Украина и насилство како што направи тој.
Ако сакате совршен пример за токсична машкост, тоа е она што тој го прави во Украина“, рече Џонсон.
Џонсон, исто така, рече дека додека лидерите на Г7 се очајни да стават крај на војната во Украина, во моментов нема договор за ова прашање.
Тој додаде дека Западот мора да ја поддржи воената стратегија на Украина за да го стави претседателот Зеленски во најдобра можна позиција во преговорите со Русија кога ќе дојдат.