„Не смееме повеќе да губиме време на Западен Балкан“, вели Бербок
Не смееме повеќе да губиме време во интеграција и приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
Не смее да има простор на Балканот што може да го пополни Русија или други актери, рече Бербокова.
Во побрзото поврзување на земјите од регионот со ЕУ „не се работи само за нашиот геополитички кредибилитет“, истакна таа по средбата со нејзината словенечка колешка Тања Фајон. Освен Русија, за посилно влијание врз земјите од Западен Балкан се бори и Кина.
„Западен Балкан географски е во средината на Европската унија. И конечно мораме да ги доведеме луѓето од Западен Балкан во нашиот политички центар“, рече Бербок.
Според неа, ЕУ требаше да ги исполни своите ветувања во однос на пристапните преговори со земјите од регионот, особено во однос на отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Тоа е во наш стратешки интерес и исто така е прашање на нашата сигурност“, објасни германската министерка.
Земјите од Западен Балкан ги вклучуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Во тој контекст, Бербокова посочи дека во четвртокот, на последниот ден од шестмесечното претседавање со ЕУ, Франција предложила компромис кој треба да овозможи преговори со Скопје и Тирана. Според неа, францускиот предлог е единствена можност – „конечно мораме заедно да го направиме тој чекор“.
Доколку ЕУ не ги исполни ветувањата, другите ќе го пополнат просторот во регионот, а особено многу млади луѓе кои сакаат „заедничка европска куќа“ ќе бидат разочарани.