Македонија

Безбедно лето: „Носи кацига, вози одговорно!“- значително намален бројот на жртви на сообраќајниците

Минатата 2021 година е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првата половина на 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на значително намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во склоп на оперативниот план на Министерството за внатрешни работи- „Безбедно лето“, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје продолжуваме со активностите со цел подигање на нивото на сообраќајна култура и на тој начин намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Денеска во Куманово беше спроведена превентивна кампања насочена пред се кон возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети „Носи кацига, вози безбедно, вози одговорно!“.

Помошник министерот за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски истакна дека ваквите превентивни акции директно влијаат на подигањето на нивото на сообраќајна култура, а на тој начин се намалува бројот на жртви во сообраќајот. „Безбедноста во сообраќајот е одговорност на сите нас и сите заеднички мора да го подигаме нивото на сообраќајната култура. Токму како резултат на активностите што ги спроведуваме изминатите години евидентен е трендот на опаѓање на бројот на жртви во сообраќајот кој секоја година се намалува, но, се разбира, и една жртва за нас е многу, па затоа продолжуваме интензивно да работиме за уште повеќе да ја намалиме оваа бројка. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, а податоците од првата половина на 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи. Во првата половина на 2022 година има 44 жртви, што е за 14 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 58. Оваа кампања што денеска ја спроведуваме е за да влијаеме на свеста на возачите и на тој начин самите да си ја зголемат безбедноста. Ова особено важи за возачите на мотори, но и за возачите на електрични тротинети, кои се се помногубројни. Носењето кацига може да ви го спаси животот. Иако минатата година е најбезбедна во последните 15 години, сепак имаме 11 возачи на мотори кои го изгубиле животот. Доколку ги почитуваме правилата и носиме заштитен шлем оваа бројка значително ќе ја намалиме“,рече Ангеловски.

Ангеловски потенцира дека покрај превентивните акции, продолжуваат и засилените акциски контроли за санкционирање на оние учесници во сообраќајот што не ги почитуваат правилата.
Дејан Андоновиќ од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потенцира дека овие кампањи имаат за цел да ја подигнат јавната свест и сообраќајната култура
„Со летните темпператури, но и со зголемените цени на горивата , на улиците е забележливо големо присуство на велосипедисти, луѓе кои се движат со мопеди, но од поново време и со електрични тротинети. Мошне е важно оваа категорија на учесници во сообраќајот да внимаваат како се однесуваат во сообраќајот, и во рамките на правилата и прописите да се движат во пропишаните места и со пропишана брзина на движење. Колку автомобилите се опасност за велосипедистите и мопедистите, толку оваа категорија претставува сериозна опасност за пешаците. Значи сите категории во сообраќајот, доколку се движат во пропишаните норми, ќе ја намалат опасноста од евентуални сообраќајни инциденти. Кампањите на РСБСП, заедно со МВР и Факултетот за безбедност имаат за цел да ја подигнат јавната свест и сообраќајната култура. Да укажеме и да постетиме на опасностите, но и на превенцијата на лицата кои управуваат со овие превозни средства. Заштитната кацига за велосипедистите и лицата кои управуваат електрични тротинети носи безбедност и сигурност. Лицата кои управуваат електрични тротинети, покрај осветлувањето треба да носат и рефлектирачки елеци доколку се движат во период откако доаѓа вечерта, па се до раните утрински часови. Со почитувањето на правилата и прописите, и со подигната јавна свест, како и со заштитните средства како што се кацигите, значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и намалувањето на инцидентите кај оваа категорија на учесници“, рече Андоновиќ.

На почеток