Република Македонија се претвора во ветена земја за криминалците и тоа нема да се смени со промената на името и идентитетот што ги предлага Заев, се наведува во соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека јавноста е сведок на постојани нарушувања на безбедноста, а како што велат, одговорност нема од никого.
„Главниот град Скопје наликува на сцена од криминален филм, а не на град каде што граѓаните можат да живеат без да се плашат за сопствениот живот и животот на најблиските. СДСМ ја уништува државата, а безбедноста на граѓаните е ставена под знак прашалник. Откако е СДСМ на власт секојдневно сме сведоци на насилства по улиците, неразјаснети убиства и криминални вооружени пресметки низ целата држава. Едноставно криминалот царува, а безбедноста не ја гарантира никој. Брутални убијци се шетаат на слобода, а доказ за тоа е егзекуторот што среде бел ден, на прометна улица го ликвидираше младиот фудбалер Мартин Јанушев. Поминаа десет месеци, против убиецот нема никаква постапка и не е приведен“, стои во партиското соопштение.
Од партијата додаваат дека додека криминалот, насилството, уцените и хаосот царуваат по улиците низ Македонија, Зоран Заев забрзано ги распродава националните и државни интереси на Република Македонија.
„Зоран Заев ги прифати сите грчки барања, прифати ново име за севкупна употреба, се откажа од македонскиот идентитет и се согласи на бришење на македонската култура и историја“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и ги повикуваат сите граѓани кои не се согласуваат со штетните политики на, како што велат, криминалната влада на Зоран Заев и СДСМ да дојдат во недела во 13 часот во Охрид на голем протестен марш.