Иран: Уапсени странци, вклучително и дипломат, министерството негира
Иранската револуционерна гарда уапси неколку странци, вклучително и висок британски дипломат, поради наводна шпионажа.
Во извештајот на државната телевизија се вели дека земале примероци од почвата од ограничена област на пустината во централниот дел на земјата, каде што Револуционерната гарда изведувала вежби со ракети воздух-вселенски.
Сепак, не се кажува кога се уапсени, ниту дали се уште се во затвор, пренесува Ројтерс.
На државната телевизија беше прикажан клип на кој се гледа како заменик-амбасадорот Гилс Витакер и членовите на неговото семејство, наводно, земаат примероци од почвата.
Во извештајот стоело дека откако се извинил бил избркан од областа каде што се случил инцидентот.
Портпаролот на Форин Офисот Семјуел Хит објави дека информацијата за апсењето на британскиот дипломат е „целосно лажна“.
Тој на Твитер напиша дека Витакер повеќе не бил ни на должност во Иран.
Други осомничени за шпионажа, според иранската телевизија, се сопругот на австриското аташе за култура во Иран, како и универзитетскиот професор од Полска, Мачеј Валчак, кој во таа земја дошол како турист.