Телевизијата на Путин „Русија тудеј“ отвора претставништво во Србија


Руската државна телевизија Russia Today (RT) ќе отвори свое претставништво во Србија, објавија српските медиуми, а оваа информација ја потврди и уредникот на рускиот портал Спутник во Белград.
Станува збор за телевизија забранета од ЕУ поради „охрабрување и поддршка на руската агресија“ врз Украина, објави порталот nova.rs.
Главниот и одговорен уредник на рускиот портал Спутник Србија Љубинка Милинчиќ потврди дека отворањето на РТ е во подготовка.
„Да, така е, сега нема да почне да работи во Србија, туку се подготвува“, изјави Милинчиќ.
Советот на ЕУ уште во март ја суспендираше медиумската дистрибуција на руските државни канали РТ и Спутник низ територијата на Унијата, а санкциите – според медиумските извештаи – ги опфаќаат сите средства за пренос, како што се кабелски, сателитски, IPTV., ТВ платформи, веб-локации и апликации и суспендирани се сите релевантни лиценци, овластувања и договори за дистрибуција.
Во Брисел оценија дека овие два медиуми се важни инструменти за „охрабрување и поддршка на руската агресија“ врз Украина и дека претставуваат „значајна и директна закана за јавниот ред и безбедноста на ЕУ“.
Пратеникот на Европскиот парламент Клемен Грошељ за порталот Нова.рс оцени дека отворањето на руската државна телевизија РТ во Србија е „уште еден показател дека Александар Вучиќ ја оддалечува земјата од ЕУ“.
