„Германија е принудена да проголта горчливо апче“, вели Шолц


Во своето денешно видео обраќање германскиот канцелар Олаф Шолц ги претстави прелиминарните цели на германската влада.
Тој рече дека целите за заштита на климата се приоритет и покрај зголемената загриженост за тешкото снабдување со енергија поради руската инвазија на Украина.
Шолц рече дека неговата цел е Германија да биде една од првите земји со нула емисија на јаглерод диоксид (CO2), а во исто време да продолжи да биде глобално конкурентна и успешна како економска сила и индустриска земја, пишува лондонскиот дневен весник Гардијан.
„Сега ќе се погрижиме конечно да напредува развојот на обновливите извори на енергија – офшор енергија од ветер, сончева енергија на копно, биомаса… Сето ова ни треба за производство на електрична енергија и водород за да имаме индустриска иднина без емисии на CO2. Сакаме да го постигнеме тоа до 2045 година“, рече Шолц.
Тој призна дека Германија е принудена да „проголта горчливо апче“ бидејќи е принудена привремено да користи електрани на фосилни горива кои претходно биле затворени.
„Но, тоа е само за кратко, бидејќи сега навистина почнавме да сакаме да направиме се што можеме во борбата против климатската криза“, рече Шолц и потврди дека се донесени нови, неопходни закони.
