Македонија

Мисајловски: Ковачевски утре во Брисел ќе се слика и ќе го овековечи предавството на македонскиот народ

Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа изјави дека утрешниот состанок во Брисел ќе значи само сликање и овековечување на предавството кое што го направи владата на СДСМ и Димитар Ковачевски, бидејќи како што вели Македонија нема да започне преговори со Европската унија, додавајќи дека самите заклучоци кои што ги изгласаа пратениците на СДСМ во собранието не значат почеток на преговорите за државата, туку предавство и замка за македонскиот народ, бидејќи Македонија е условена од страна на источниот сосед со промена на македонскиот устав.

Утре тоа во Брисел ќе биде сликање каде што ќе застанат со сите таму да се сликаат, за да покажат дека ги бива за сликање, но не и за работа. Единствено нешто што со таа слика ќе покажат е предавство, рече тој.

Ние неколку пати пробувавме да го објасниме ова што се случува. Утре Македонија нема да ги започне преговорите. Слушнавме и од бугарска страна, слушнавме и многу аналитичари од Европа кои што велат дека Македонија ќе заглави во еден лавиринт. Утре се очекува да покажат дека започнува некој скрининг процес, дека започнуваат преговори, но реално само Албанија ќе започне преговори и тука нема дилеми, бидејќи Албанија ќе започне со скрининг и отворање на поглавја. Македонија тоа нема да го почне сега, и ако ја следевте изјавата на бугарската министерка за надворешни работи кажа дека Македонија ќе започне преговори со вистинската меѓувладина конференција која ќе се случи по отворање на Уставот, посочи Мисајловски и додаде:

И ова е голема фарса и замка кон граѓаните која што ја приреди СДСМ и цела власт и сите пратеници кои гласаа. Во заклучокот стои дека Македонија за да започне преговори мора да го смени Уставот. Така што утре единствено само сликање ќе имаат, потенцираше тој.

Мисајловски вели дека протоколарниот документ кој што беше криен од македонскиот народ всушност значи дека Македонија е условена држава и ќе преговара за се што и смета на Бугарија во однос на историјата, укажувајќи дека ова не се европски вредности.

Од протоколарниот документ кој беше држен во тајност, видовме дека ќе се преговара за историја, за промена на учебниците, а нема да се разговара за европски вредности. Ова е асимилација, понижување, нечовечки, нехумано и ова не се европски вредности, смета потпретседателот Мисајловски.

На почеток