Израел призна: „Користиме дронови“
Израелските воени цензори ја укинаа забраната за објавување информации за употреба на вооружени дронови, потврди израелски официјален претставник.
Имено, Палестинците го обвинија Израел дека користи вооружени беспилотни летала во нападите на Појасот Газа и окупираниот Западен Брег, што Израел никогаш не го потврди и забрани објавување информации на оваа тема, пренесува Ројтерс.
Имаше и бројни меѓународни извештаи за напади на израелски беспилотни летала (UAV) врз цели во Либан и Иран, што Израел, исто така, никогаш официјално не ги потврди.
Во соопштението на израелската воена служба за односи со јавноста сега се наведува дека по разгледувањето на предметот „утврдено е дека нема приговор за објавување информации за употреба на вооружени дронови во оперативните активности на израелската војска“.
Израел има една од најголемите флоти на беспилотни летала на Блискиот Исток и е еден од најголемите регионални извозници на оваа технологија, иако поголемиот дел од израелската флота на UAV се невооружени извидувачки авиони.