Македонија

Директорот на Финансиска полиција кажа зошто Вилма Русковска му ја „тресеше“ канцеларијата

„Како директор на Управата за финансиска полиција, чувствувам потреба да ја информирам јавноста за непријатните случувања во Управата за финансиска полиција од 18.07.2022 година“, вели Управата за Финансиска полиција.

Целото соопштение:

Имено, на ден 18.07.2022 година од страна на истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал во просториите на Управата за финансиска полиција беше извршен претрес по Наредба издадена од Основниот кривичен суд Скопје- судија на претходна постапка, а по претходно доставено барање за претрес од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од наша страна на истражителите од ОЈО ГОКК им беше дозволен непречен пристап во просториите на Управата за финансиска полиција, како и непречено извршување на наредбата, иако содржината на наредбата не ги исполнуваше формалните и материјалните-суштински основи за истата да биде издадена.

Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот.

Од содржината на наредбата може да се констатира дека истата е воопштена, нејасна и остава простор за слободно толкување, што упатува на тоа дека подносителот на барањето за претрес- ОЈО ГОКК не располага со јасна и конкретна цел каков доказен материјал со примената на ваквата мерка сакал да обезбеди, а со кој само дополнитело би го зајакнале основаното сомнение и би го комплетирале веќе обезбедениот доказен материјал за некакво сторено кривично дело.

Според наредбата за претрес, претресот се спроведува – цитирам „ поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело …. “. Согласно член 21 точка 15 од Законот за кривична постапка „ Основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело “, а од друга страна јавноста е сведок на изјавите на шефицата на ОЈО ГОКК објавени во медиумите во кои самата изјавува дека нема осомничени лица, односно дека – цитирам “… чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата.“

Дополнително, потребата од спроведување на претресот е апсолутно непотребена имајќи предвид дека согласно своите надлежности Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал може во било кој момент да ни се обрати и со само едно барање да го добие било кој предмет за кој што е заинтересирано и не само предмет, туку и секој еден документ за кој смета дека е потребен.

Токму поради суштествените недостатоци на наредбата за претрес, начинот на постапувањето при спроведување на истата, низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската пракса како и неоснованоста за примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на ОЈО ГОКК, од страна на Управата за финансиска полиција до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија поднесена е претставка , согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај.

Сакаме да нагласиме дека со наведените дејствија нанесена е голема штета на угледот на Управата за финансиска полиција, на сите вработени во Управата, како и штета на мојот углед и интегритет како директор на оваа институција, намалување на довербата на граѓаните на Република Северна Македонија во правосудниот систем и рушење на темелите на една правна држава.

Управа за финансиска полиција

На почеток